Две контролки на Македонија против Грција пред настапот на ЕП

Најдобрите ракометари на Македонија ги финализираат подготовките во Скопје, за настапот на Европското првенство (ЕП) во Германија, од 10 до 28 јануари.

Денеска избраниците на селекторот Кире Лазаров ќе одиграат контролен натпревар против Грција, во СЦ „Борис Трајковски“ од 17 часот. Овој меч е отворен за јавноста, додека утрешниот ќе биде зад затворени врати.

Црвено-жолтите претходно беа на подготовки во Стара Пазова, Србија, каде што одиграа и еден контролен натпревар, против Црна Гора, 54:51 (се играа три полувремиња).

Заминувањето на македонските ракометари за Германија е планирано за 8 јануари.

Македонија е во групата А со домаќинот Германија, Франција и Швајцарија. Грците се во групата Ф со Данска, Португалија и Чешка.

За Македонија ова ќе биде осмо ЕП. Најдобриот пласман беше забележан во 2012 година, на петтото место.

Титулата на ЕП 2024 ја брани Шведска, која е и најуспешна репрезентација со пет злата и едно сребро.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО