10/09/2024

Дуплантис по светскиот рекорд: Публиката „полуде“, ова не сум го доживеал досега

Феноменалниот Швеѓанец, Армандо Дуплантис (24) со неверојатна леснотија ја одбрани олимписката титула, а потоа незаборавната ноќ на „Стад де Франс“ ја круниса со нов светски рекорд, 6,25 метри.

На Дуплантис во финалето му беа потребни само четири скока за да го одбрани златото од Токио со скокот од шест метри. Потоа постави нов олимписки рекорд од 6,10 метри, а потоа при третиот обид постави и нов светски рекорд од 6,25 метри, Тоа беше негов деветти светски рекорд.

Пред него две олимписки титули во скок со стап освоија само Американецот, Боб Ричардс (1952 и 1956-та) и Русинката, Јелена Исинбаева (2004 и 2008-та). Легендарниот Сергеј Бубка беше олимписки шампион само еднаш, во 1988 година.

– Сè уште не сум сфатил колку беше фантастичен тој момент. Тоа е еден од оние моменти кои ви се чинат нереални, како да излегувате од сопственото тело. Сè уште ми е тешко да слетам.

Само што го соборив светскиот рекорд на ОИ, најголемото натпреварување во светот. Мојот најголем сон од детството беше да го соборам светскиот рекорд на Олимписките игри и тоа го направив пред најлудата публика досега, рече Дуплантис.

Младиот Швеѓанец откри дека тој момент го замислувал „милион пати во животот“.

– Секогаш кога бев во мојата градина, замислував како го соборувам светскиот рекорд во олимпиското финале. Кога го прескокнав во третиот обид, имав впечаток дека веќе сум го направил тоа илјада пати, додаде тој со насмевка.

Уште поимпресивно е тоа што светскиот рекорд го постави во третиот обид. Откако во првите два скока ја уриваше летвичката, се чинеше дека повеќе нема сили.

– Публиката полуде. Беше многу гласно, беше како на натпревар во американски фудбал. Немам големо искуство со стадиони од 100.000 седишта, никогаш не сум бил во центарот на вниманието. Се обидов да управувам со енергијата, со тоа што ми го даде толпата, а ми даде многу, истакна тој.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО