(ФОТО) Драстичен (не)очекуван потег: Ѓоковиќ ја раскина соработката со Иванишевиќ!

Горан Иванишевиќ повеќе не е тренер на Новак Ѓоковиќ. По речиси пет години соработка, девет освоени грен-слема и еден куп помали турнирски титули, најуспешното тренерско дуо играч-тренер се распадна. Ѓоковиќ (36) веста за раскинувањето ја објави на своите социјални мрежи.


Тие го одиграа последниот заеднички турнир во Индијан Велс, по што Ѓоковиќ реши да направи подолга пауза, да го прескокне Мастерсот во Мајами и да се фокусира на подготовките за турнирите на земјена подлога.

Очигледно, тој ја искористил паузата за да направи потези за кои смета дека би можеле да му помогнат за идните дуели со Алкараз, Синер и другите помлади ривали.

Најголемиот цех мораше да го плати Иванишевиќ, кој му се приклучи на Ѓоковиќ во пресрет на Вимблдон 2019 година. Ова беше најдолгата соработка на Иванишевиќ во тренерската кариера, секако и најтрофејна. Покрај сите споменати грен-слемови, Ѓоковиќ стигна до рекордните 418 недели како тенисер број 1 во светот.

Без разлика на испадите на Новак на некои натпревари, соработката со Иванишевиќ цело време беше солидна и јасно дефинирана. Покрај тенискиот дел од приказната, Горан имаше и улога на мотиватор и генератор на атмосферата во тимот на Ѓоковиќ, за што и двајцата зборуваа во повеќе наврати.

Недоразбирањата почнаа да се појавуваат кон крајот на минатата, и особено на почетокот од годинава, по поразот во полуфиналето на Австралија опен од Синер.

По таа елиминација се дознава дека Ѓоковиќ решил да направи тотален пресврт и да му се заблагодари на 52-годишниот сплиќанец кој пред него ги водеше Марин Чилиќ, Томаш Бердих и Милош Раониќ. Иванишевиќ со Чилиќ го освои грен-слем турнирот во Њујорк во 2014 година.

Актуелниот број еден на АТП-листата моментално е во Белград, каде што тренира со Ненад Зимоњиќ (47), со кого има играно во двојки. Поранешниот селектор на српската Дејвис куп репрезентација му помага на Ѓоковиќ да се подготви за играњето на земјените терени во продолжението од сезоната.

Следен турнир за Ѓоковиќ ќе биде Мастерсот во Монте Карло што започнува на 7 април.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО