Еден од најдобрите голмани во модерниот фудбал, Џанлуиџи Донарума, е на чекор од заминување од редовите на европскиот првак ПСЖ и преселба во Манчестер Јунајтед. Италијанскиот репрезентативец, по четири сезони во Париз, одлучил дека е време за нов предизвик.
Според информациите на реномираниот италијански весник „Кориере дело спорт“, преговорите веќе се во тек, а Манчестер Јунајтед важи за најголем фаворит за неговиот потпис. Весникот наведува дека контактите меѓу двете страни започнале во последните часови, и дека трансферот е реална опција.
Донарума, чиј договор со ПСЖ истекува следното лето, не успеа да се договори за продолжување на соработката, што го отвори патот за негова замена. Парижаните веќе започнаа разговори со Лукас Шевалие од Лил, кој би можел да биде новото решение меѓу стативите на „Паркот на принцовите“.
„Црвените ѓаволи“ се подготвени да платат околу 30 милиони евра за Донарума, кој треба да го замени Андре Онана како прв голман на тимот од „Олд Трафорд“. Камерунецот не успеа да ги оправда очекувањата и често беше мета на критики поради несигурни интервенции.
Донарума одигра 161 натпревар за ПСЖ, 56 пати ја сочува мрежата недопрена и прими 156 голови. Иако има само 26 години, веќе десет години е на елитната сцена. Како тинејџер дебитираше за Милан, каде што остави длабока трага, но и предизвика поделени мислења кога прифати богата понуда од Париз.
За репрезентацијата на Италија веќе има 74 настапи, а неговиот квалитет никогаш не бил доведен во прашање. Донарума би можел да биде вистинскиот избор за стабилизација на последната линија на Јунајтед, кој очајно бара сигурност меѓу стативите.