Македонската кошаркарска репрезентација ги почна подготовките за претквалификациските натпревари за пласман на Евробаскет 2029, кои на почетокот на јули ќе ги игра против селекциите на Ирска и Луксембург.
Селекторот Жозеп Мариа Берокал на првиот собир во Скопје имаше на располагање поголем дел од повиканите кошаркари, а тренинзите ги води заедно со асистентите Ѓорѓи Кочов, Никола Велев и Марко Докузовски.
Во наредните денови на подготовките треба да се приклучат Андреј Јакимовски и Адем Мекиќ, како и натурализираниот кошаркар за кого стручниот штаб дополнително ќе донесе одлука.
Репрезентативците во следниот период ќе работат во салата „Лазар Лечиќ“ во Скопје, а првата контролна проверка е закажана за 21 јуни, кога Македонија ќе гостува кај Бугарија.
Македонската селекција настапува во групата А од претквалификациите за Евробаскет 2029, заедно со Ирска, Луксембург и Азербејџан. По четири одиграни кола, „црвено-жолтите“ имаат максимален ефект од четири победи и се наоѓаат на првото место на табелата.
Натпреварот против Ирска ќе се игра на 2 јули во Скопје, додека три дена подоцна Македонија ќе гостува во Луксембург, со што ќе ја затвори оваа претквалификациска фаза.