Искусниот Иван Перишиќ потпиша за Хајдук откако пристигнува на позајмица од Тотенхем до крајот на сезоната, по што ќе потпише едногодишен договор со сплитскиот клуб.
Хрватскиот репрезентативец треба да дебитира за сплитскиот клуб до крајот на сезоната, веднаш штом закрепне од операцијата на вкрстените лигаменти на коленото.
Перишиќ беше во Хајдук од 2000 до 2006 година, но никогаш не дебитираше за сениорскиот тим. Тој во 2007 година за 360.000 евра замина од Хајдук во Сошо. Потоа следеше позајмица на белгискиот Розелар, од каде што се проби во Клуб Бриж. Во еден од најголемите белгиски клубови, Перишиќ брилјираше.
Следеше трансфер во Борусија Дортмунд на Јирген Клоп, за која настапуваше од 2011 до 2013 година. Незадоволен од минутажата го напушти Дортмунд и замина во Волфсбург каде беше стандарден играч. Ова на крајот на летото 2015 година му донесе трансфер во Интер во вредност од 16 милиони евра.
Перишиќ беше член на миланскиот клуб шест години, а во сезоната 2019/2020. мина на позајмица во Баерн бидејќи тогашниот тренер на Интер, Антонио Конте не сметаше на него. Перишиќ со Баерн ги освои Бундеслигата, Лигата на шампионите и Купот на Германија, а потоа се врати во Интер на Конте и стана стандарден лев бек.
Тоа е позиција која не му беше природна, но хрватскиот офанзивец и во ваква формација беше клучен играч за италијанскиот гигант. Во сезоната 2022/2023 Перишиќ реши да замине во Премиер лигата и да си го исполни сонот, бидејќи во неколку наврати зборуваше за желбата да игра во Англија.
Па така по Никола Калиниќ сега и Иван Перишиќ ќе му биде соиграч на нашиот Александар Трајковски.