(ИНТЕРВЈУ) Пандев: Тоа што ФФМ го прави е голем криминал, а водечките луѓе таму се најголемото зло

Најдобриот македонски фудбалер на сите времиња, Горан Пандев, пензионерските денови по крајот на активната играчка кариера ги поминува на релација Македонија – Италија.

По новогодишните и божиќните празници во интервју за „Спортклуб.мк“ реши да разговара на неколку различни теми. Популарниот Гоче говореше отворено и без „влакна на јазикот“.

СпортКлуб: Како ги поминувате пензионерските денови? Што работи Горан во Италија?

-Пензионерските денови во Италија ги поминувам со фамилијата. Сега имам повеќе време да обрнам на нив, на моите три деца и со нив поминувам повеќе време. Викендите следам натпревари на Џенова, но и на млади категории. Со мојот менаџер следам многу натпревари во млади категории, тие повеќе ме интересираат.

„ОТВОРАМ МОЈ ХОТЕЛ“

СпортКлуб: Кои се плановите за блиска иднина, тренер, агент, спортски аналитичар или пак некој бизнис надвор од спортот?

-Моментално сум вклучен во проектот на Брера Холдинг каде сум во бордот на директори. Знаеме дека Брера има екипа во Македонија, во Азија, но и Африка што е голем проект. Засега добро ни оди, а јас им помагам на луѓето. Имам мој бизнис во Македонија, односно во следните денови ќе го отворам мојот хотел. Едноставно секој ден ми е многу исполнет, работам од компјутер, имам доста обврски со Брера холдинг и мојот хотел. Немам многу слободно време.

„РЕКЛАМИРАВ КЛАДИЛНИЦИ И КАЗИНА ЗА МОИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО КЛУБОТ“

СпортКлуб: Многумина ве критикуваат и замеруваат поради рекламирање казина и кладилници. Како гледате вие на тоа и што има да им одговорите на лицата кои ве критикуваат?

-Секој си има свое мислење и може слободно да критикува. Јас тоа го направиВ за мојот клуб зошто сите средства што ги добивав од нив јас ги давав во клубот. Едноставно нашиот клуб има повеќе од 60 вработени и тој период имаше потреба од добри спонзорства. Не само јас, и многу поголеми играчи од мене имат снимено вакви реклами. Не се работи за пари за мене, туку за луѓето од мојот клуб.

„САКАМ ДА ОСТАВАМ НЕШТО НА МОЈОТ ГРАД И МОЈАТА ДРЖАВА“

СпортКлуб: Ако не е тајна, колку ваши лични средства имате вложено во Академија Пандев (Брера) досега и колку имате инкасирано од продажба на играчи?

-Најискрено не сакам да зборам за цифри, но имам доста вложено во македонскиот фудбал, долу во Струмица. Не само во академијата, направив и спортски центар и тоа едноставно ме прави горд зошто сакав да оставам нешто на мојот град, на мојата држава. Се надевам со тоа што го правам во иднина ќе излезат многу играчи на репрезентативно и на европско ниво. Едноставно сакам да помогнам на децата, на луѓето што работат во клубот. Од заработувње на играчи знаете колку вредат нашите играчи во Македонија, како што кажав не сакам да зборувам за цифри и мислам не е ни коректно зошто нашите играчи немат голема цифра на вредност во Европа.

„ИМАВ МНОГУ ПОНУДИ ДА ВЛЕЗАМ ВО ПОЛИТИКА“

СпортКлуб: Дали некогаш сте имале понуда да влезете во политика и дали доколку имате би влегол?

– Сум имал доста понуди да влезам во политиката. Но едноставно никогаш не ме интересирала политика. Јас едноставно не разбирам политика и сум човек од спортот и фудбалот. Затоа и не сум се нафатил да влезам во политика.

„АЈДУЦИ ВИНАТА ЗА БЕЛАСИЦА ДА СИ ЈА БАРААТ КАЈ СВОЈОТ ГАЗДА“

СпортКлуб: Зошто има антагонизам од страна на Беласица и навивачите Ајдуци кон вас и клубот? Сезонава дури и извадија некои пароли против клубот како Брера Мерда и слично?

-Немам јас ништо против Ајдуци и Беласица. Знаете дека за мене Беласица е светост, мој омилен клуб. Моментално да збориме за Беласица не е коректно зошто таа има приватен сопственик. Ајдуците треба да бидат повеќе лути на својот сопственик отколку на Брера. Зошто Брера е европски проект, луѓето сакат да променат нешто во нашиот фудбал и тоа е нивно право. Беласица е гордоста на градот, но гледаме дека во последни години не се заинтересирани да направат нешто повеќе за овој клуб и ги интересира само приватниот бизнис. Тоа се луѓе на кои фудбалот им е во втор план и ќе повторам, Ајдуците треба да ја бараат вината на друго место, а не кај Брера или кај Горан.

„ЈАС ЌЕ СЕ ОТКАЖАМ ОД ДЕЛЕГАТ САМО ОФС СТРУМИЦА ДА СЕ ВРАТИ“

СпортКлуб: Неодамна беше суспендиран ОФС Струмица, сега практично клубот треба да се пренесе во друг ОФС. Дали мислите дека овој потег е уште еден чин на атак конкретно кон вас како личност од страна на водечките луѓе од ФФМ?

-Едноставно луѓето од ФФМ си го покажуваат своето лице – какви луѓе го водат македонскиот фудбал. Знаеме зошто тоа го направија бидејќи јас сум им целта со оглед на тоа што сум делегат на ОФС Струмица. Еве јавно ќе кажам, јас ќе се откажам од делегат на ОФС Струмица само да го вратат нашиот ОФС. Знаеме дека Струмица е еден расадник на таленти, еден од водечките градови во Македонија. Како што кажав јас сум и целта, но се дрзнаа да уништат многу други луѓе и фамилии кои долги години работат во фудбалот и нешто направиле за нашиот фудбал, судии и слично што откажаа. Еден ден тоа треба да го платат, зошто тоа што ФФМ го прави е голем криминал и тоа е стварно жално. Како што кажав, јас ќе се повлечам само да се врати сојузот и луѓето да се вратат на своите обврски.

„СЕ ПЛАШАМ ДЕКА СТРАНСКИТЕ СПОНЗОРИ ЌЕ СЕ ОТКАЖАТ ОД МАКЕДОНСКИТЕ КЛУБОВИ ЗА ГОДИНА-ДВЕ“

СпортКлуб: Во ПМФЛ последните години во клубовите влезе и странски капитал, поточно повеќето од клубовите се приватни како и вашиот. Дали со решавањето на оној горлив проблем, финансиите, сметате дека нашата лига конечно може да се придвижи кон подобро по низа години стоење во место?

-Ме радува што во мак фудбалот што повеќе од клубовите се со приватен, односно странски капитал. Тоа сигурно ќе го подигне квалитетот на фудбалот. Луѓето сакат да донесат некоја новост во нашиот фудбал. Но од друга страна сум песимист и за една, две, најмногу три години може и да се откажат. Знаеме каква ни е инфраструктурата во Македонија, какви терени и стадиони располагаме. Едноставно тоа ме плаши, луѓето да не се откажат од вложување знаејќи дека нема никаква помош ни од ФФМ

„ВОДЕЧКИТЕ ЛУЃЕ НА ФФМ СЕ НАЈГОЛЕМОТО ЗЛО ВО ПОСЛЕДНИТЕ 20 ГОДИНИ“

СпорткКлуб: Веќе неколку пати имате кажано дека не сакате функција во ФФМ, дали тоа во меѓувреме се промени и имате желба да влезете во Куќата на фудбалот?

-Мене не ме интересира никаква функција во ФФМ, едноставно сакам луѓето што моментално го водат македонскиот фудбал да си заминат што може поскоро од таму. По мене тие се најголемото зло во последните 20 години што може да му се случи на мак фудбалот. Луѓе од личен интерес, луѓе што се збогатија од ФФМ, што немаа ни еден свој проект, што немаат кажано зошто лигата нема спонзор. Колку се продадени ТВ правата, колку се платите на нивните мести, колку заработуваат од ФФМ? Тоа треба се јавно да се знае, ова е федерација на сите, на цел македонски народ, не е тоа приватен клуб и едноставно никој ништо не презема. Не знам после нив колку години ќе ни треба да го оправиме македонскиот репрезентативен фудбал, а за клупскиот е жалосен.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО