Интер во битката за првиот трофеј сезонава го совлада актуелниот шампион Наполи и го освои Суперкупот на Италија. Водечкиот човек на наполитанците Аурелио де Лаурентис не беше задоволен од судењето.
Интер славеше со 1:0 со голот на Лаутаро Мартинез во судиското надополнување, но половина час пред тоа Наполи остана со играч помалку поради двата жолти картони за само пет минути на Џовани Симеоне. Многумина сметаат дека одлуката на судијата Рапуан била престрога, а Де Лаурентис секако е еден од нив, кој сериозно ја нападна целата судска организација во Италија.
– Како што Саудиска Арабија се обидува да се промовира себеси и својот фудбал, ние треба да го искористиме ова за да го промовираме италијанскиот фудбал. Но, таа можност беше уништена кога една екипа остана со 10 играчи на теренот. Јасно е дека судиите во Италија се слаби оваа сезона. И тоа не само на штета на Наполи. Лигата не функционира во Италија – изјави Де Лаурентис.
Освен тоа, првиот човек на шампионот беше задоволен од прикажаното.
– Се наоѓаме на средината на преодниот рок, веќе имаме тројца нови играчи, а еден од нив играше. Наполи се уште е во процес на напредок.