Европската фудбалска унија (УЕФА) официјално отвори постапка против Јувентус поради сомнежи за прекршување на правилата за финансиски фер-плеј. Клубот од Торино веќе потврди дека добил известување од Нион, по анализата на финансискиот извештај за сезоната што заврши на 30 јуни 2025 година.
Според информациите објавени од италијанските медиуми, како и официјалното соопштение на клубот, истрагата се однесува на периодите 2022/23 и 2024/25, во кои биле забележани одредени финансиски неправилности.
Од Јувентус велат дека во целост соработуваат со УЕФА и дека веќе се преземени мерки за стабилизирање на финансиската состојба. Клубот моментално го одржува коефициентот на трошоци за играчи од 80%, со план тој да се намали на 70% во текот на 2025 година, во согласност со новите регулативи на европската куќа на фудбалот.
Како можни санкции се споменуваат финансиска казна, ограничувања за трансфери, па дури и забрана за настап во европските натпреварувања во сезоната 2026/27, доколку се утврди вина.
Јувентус веќе имаше проблеми со европските тела во изминатите години, а поради претходните прекршувања беше и исфрлен од Конференциската лига.
Исходот од актуелната постапка се очекува да биде познат во текот на пролетта 2026 година, а „Старата дама“ ќе мора да докаже дека ги почитува строгите финансиски критериуми кои УЕФА ги воведе за да обезбеди поголема одржливост во европскиот фудбал.