Зачестените упади на навивачите на фудбалските терени за време на Европското првенство (ЕП), кое се одржува во Германија, ги натера организаторите и Европската фудбалска унија (УЕФА) да преземат построги мерки.
На мечот Португалија – Турција (3:0) во Дортмунд во саботата, гледачите неколку пати втрчаа на теренот, а мета за „селфи“ беше Кристијано Роналдо.
– Ќе бидат преземени дополнителни безбедносни мерки на стадионите за да се спречат вакви инциденти, соопшти УЕФА, без да ги прецизира конкретните мерки.
Безбедноста на стадионите, на теренот и во просториите каде што се тимовите е главен приоритет на УЕФА, на германската фубалска федерација (ДФБ) и на организаторите на ЕП, истакнува УЕФА, наведувајќи ги правните последици за оние што неовластено ќе влезат на теренот.
– Секое неовластено влегување на теренот е прекршување на правилата на стадионот и ќе резултира со отстранување од стадионот, со забрана за следење на сите натпревари на ЕП, како и кривична пријава за влез на теренот, велат од УЕФА.