Советникот за образование и спорт во кабинетот на градоначалникот на Општина Кисела Вода, Саше Јовановски, денеска на програмата на Спортско радио 90,3 говореше за спортскиот сегмент во тој дел на градот.
– Со засилено темпо ги реализираме сите предвидени проекти што имаат допирна точка со спортот. Во богатата програма опфатени се професионалните клубови, рекреативците и, пред се’, најмалите возрасни категории преку училишните спортски активности.
Планираме да организираме и летен спортски камп во кој ќе има три категории, а со сите учесници ќе работат познати спортисти. Досега се пријавија стотина заинтересирани, вели Јовановски.
Јовановски посочи дека многу е вложува и во спортската инфраструктура. Покрај стандардните терени кои се дел од училиштата и може да ги користат сите граѓани, се градат и нови, повеќенаменски на различни локации.
– Со тоа, дефинитивно ќе влијаеме врз развојот на физичкото и менталното здравје на сите што гравитираат во нашата општина и сакаат да бидат дел од спортот. Воедно, сакам да потенцирам дека Кисела Вода деновиве доби и државен шампион во тенис за јуниори, до 12 години. Тоа е Андреј Темов, ученик од ОУ „Круме Кепески“, нагласи Јовановски.