Селекторот на германската фудбалска репрезентација, Јулијан Нагелсман ја окарактеризира како „расистичка“ анкетата спроведена од германскиот јавен сервис, АРД. Во неа повеќе од една петтина од испитаниците изразиле желба да има повеќе бели играчи во германската репрезентација!
– Тоа е расистичко. Мислам дека треба да се разбудиме. Многу луѓе мораа да бегаат и да бараат безбедна земја за живеење во Европа, изјави селекторот на „панцiрите“, согласувајќи се на тој начин со играчот од средниот ред Џошуа Кимиh, кој ден претходно исто така ја осуди споменатата анкета.
Од АРД велат дека направиле истражување за да имаат мерливи податоци, откако новинар кој работи на документарен филм за фудбалот и за различностите, постојано бил прашуван за составот на репрезентацијата. Анкетата е спроведена меѓу 1.304 случајно избрани испитаници.
Карл Валкс, директор на спортскиот сектор на АРД, вели дека се ужаснати што резултатите се такви, какви што се, но дека тие се одраз на социјалната состојба во Германија денеска.
– Спортот игра важна улога во нашето општество, репрезентацијата е силен пример за интеграција, ги пренесоа неговите зборови германските медиуми.
Контроверзната анкета доаѓа само неколку недели откако на Адидас му беше забрането да им продава на навивачите персонализирани дресови „44“ откако медиумите ја истакнаа сличноста со симболот што го користеа нацистичките СС единици во Втората светска војна.