Јокиќ и Дончиќ меѓу тројцата кандидати за МВП

НБА лигата ги објави тројцата финалисти за индивидуалните награди во регуларната 2023/24 сезона. Никола Јокиќ, Лука Дончиќ и Шај Гилџес – Александер се тројцата кандидати за признанието најкорисен, МВП играч во НБА.

Французинот, Виктор Вембањама е во „игра“ за две признанија, за дебитант на годината и за најдобар одбранбен играч. Трета година по ред ниту еден американски играч не е меѓу тројцата финалисти за МВП.

Србинот Јокиќ, центарот на Денвер нагетс, МВП на регуларниот дел од сезоната 2021 и 2022, четврти пат по ред е финалист, откако лани заврши на втората позиција, зад Џоел Ембид од Филаделфија сиксерс. Јокиќ сезонава имаше просек од 26,4 поени, 12,4 скока и девет асистенции.

Бранителот на титулата, Нагетс го дели првото место во Западната конференција со Оклахома Сити тандер, предводена од Шај Гилџес – Александер. Сезонава канадскиот кошаркар имаше просек од 30,1 поен по натпревар, со 5,5 скока, 6,2 асистенции и две украдени топки. Словенецот Дончиќ доминираше во лигата со просек од 33,9 поени, 9,2 скока и 9,8 асистенции за Далас маверикс.

Од друга страна, двајца Американци, силното крило Чет Холмгрен (Оклахома Сити) и крилото Брендон Милер (Шарлот хорнетс) му се конкуренција на Вембањама (Сан Антонио спарс) за признанието дебитант на годината.

Вембањама (20) постави многубројни рекорди во деби сезоната, со просек од 21,4 поени, 10,6 скока, 3,9 асистенции, 3,6 блокади и 1,2 украдени топки.

Холмгрен (21) беше избран како втор на драфтот во 2022 година, но поради повреда на стапалото, дебитираше сезонава. Тој имаше просек од 16,5 поени и 7,9 скока за Оклахома сити, додека Милер (21) имаше просек од 17,4 поени по натпревар, постигнувајќи 184 тројки.

На францускиот пивот на Минесота тимбервулфс, Руди Гобер, кој трипати ја освојуваше титулата најдобар одбранбен играч (во 2018, 2019 и 2021 година), ќе му се спротивстават неговиот сонародник, Вембањама и пивотот на Мајами хит, Бам Адебајо.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО