УЕФА ја претстави новата ЛШ што ќе стартува следната сезона

Европската фудбалска унија (УЕФА) на официјалната интернет страница го претстави новиот формат на Лигата на шампиони (ЛШ) што ќе профукционира од следната 2024/25 сезона. Годинашната сезона е последна во сегашниот формат.

Главната промена е зголемувањето на бројот на клубови. Досега во ЛШ учествуваа 32, а од следната сезона ќе влезат уште четири екипи, вкупно 36. Тие нема да бидат поделени во групи, туку ќе играат во Лига.

Екипите ќе бидат поделени во четири групи според квалитет, а секој тим ќе игра против две екипи од секоја квалитетна група, по еден натпревар дома и на гости.

Во новиот формат, секоја екипа ќе одигра по осум натпревари и ќе собира бодови. Повеќе нема да се игра против исти противници дома и на гости.

Квалификациите за ЛШ ќе бидат отворени, во зависност од пласманот на клубот во домашното првенство на крајот од претходната сезона и според националниот коефициент.

Дополнителните четири екипи ќе влегуваат во ЛШ според следните правила.

Една екипа е третопласираната во петтата најсилна лига во Европа според коефициентот на УЕФА. Друга екипа ќе биде шампионот на земјата кој ќе влезе во ЛШ преку „шампионската патека“. Досега во ЛШ низ четири преткола влегуваа четири екипи, а од следната сезона ќе влезат пет.

Третата и четвртата екипа ќе се пласираат врз основа на добрите перформанси од минатата сезона. УЕФА автоматски ќе внесе две екипи во главната фаза на ЛШ.

Системот на бодување не се менува. Три бода ќе се добиваат за победа, а еден за нерешено. Осумте најдобри во Лигата ќе се квалификуваат директно во осминафиналето.

Екипите пласирани од 9. до 24. место ќе разигруваат во вториот круг (по еден натпревар дома и на гости) за пласман во осминафиналето.

Двојките во таа фаза ќе се решаваат со ждрепка, а екипите ќе бидат поделени во две групи; носители (од 9. до 16. место) и неносители (од 17. до 24. место). Потоа, победниците ќе играат против еден од осумте најдобропласирани.

Лига Европа (ЛЕ) ќе се игра во идентичен формат како и ЛШ, додека Лигата на конференции (ЛК) ќе се игра во малку поинаков.

Во ЛК секој тим ќе одигра по шест натпревари во првата фаза, а не осум. И во двете помали натпреварувања на УЕФА ќе играат по 36 екипи.

Натпреварите во ЛШ и во ЛЕ ќе се играат од септември до јануари во првата фаза, а во ЛК од септември до декември. Мечевите во ЛШ ќе се играат во вторник и во среда, а во ЛЕ и во ЛК во четврток.

Исклучок ќе бидат „ексклузивните недели“. Во тие недели мечевите во ЛШ ќе се играат во вторник, среда и во четврток, а во „ексклузивната недела“ од ЛЕ, во среда и во четврток.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО