(ВИДЕО) НБА објави кој најмногу напредувал сезонава

Тајрис Макси од Филаделфија сиксерс го доби признанието за играч кој најмногу напредувал сезонава во НБА лигата. Ова го одлучи комисија од 100 претставници на медиумите, од кои тој доби 319 поени, само 14 повеќе од второпласираниот, Коби Вајт од Чикаго булс.

Макси 51 гласач го стави на прво место и му даде максимални пет поени, 18 го ставија на второто што носи три бода, а 10 на третото место за што се добиваше по еден поен. Но дури 21 гласач не го вклучи меѓу најдобрите тројца и затоа разликата е толку мала.

Вајт доби 32 гласа за прво место, но 91 од 100 гласачи го сместија меѓу првите три. Третото место му припадна на турскиот центар Алперен Шенгун од Хјустон рокитс, на кого кандидатурата му ја расипа повредата поради која сезоната ја заврши месец и половина порано од другите.

Макси уште лани, во четвртата сезона во НБА, честопати менувајќи го Џејмс Харден во стартната петорка, го навести прогресот. По заминувањето на Харден во Клиперс, а особено по повредата на Џоел Ембид, Макси стана фокусна точка на нападот на Сиксерс и имаше просек од 25,9 поени, 3,7 скока и 6,2 асистенции, значително повеќе од лани (20,3 поени, 2,9 скока, 3,5 асистенции).

Со ова признание на Макси кој за прв пат настапи и на Ол-стар натпреварот, НБА почна да ги објавува индивидуалните награди за сезонава. Следната недела ќе следува прогласување на најдобриот дебитант и одбранбен играч, а кулминација е прогласувањето на МВП и на првата петорка на лигата.


 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО