(ВИДЕО): Архитектонско чудо од кое застанува здивот; вака ќе изгледа најголемиот фудбалски стадион во светот

Светското првенство (СП) во фудбал 2030 година ќе биде специфично на многу начини. На 100-годишнината од првото СП што се одржа во Уругвај, турнирот ќе се игра на три континенти и во шест земји, а ќе го обележи спектакуларниот објект што ќе ја носи титулата најголем стадион во светот.

Во мароканскиот град Мансура, 40 км северно од Казабланка, почнаа подготвителните работи на изградба на стадион со капацитет од 115.000 седишта.

„Гран стад де Казабланка“ со тоа ќе го надмине стадионот во Пјонгјанг, Северна Кореја, за околу 1.000 седишта. Проектот вреден 450 милиони евра му е доверен на конзорциум предводен од компанијата на мароканскиот архитект, Тарик Уалалу. Рокот за изградба е 2028 година.

– Гран стад де Казабланка е длабоко вкоренет во мароканската култура, со својата традиција и современи изрази. Се потпира врз шаторот и градината, како и на топографијата и пејзажите на Мароко.

Тоа е простор отворен кон светот и полн со почит кон природата што ја штити. „Гран стад де Казабланка“ ја отелотворува големата традиција на мароканското гостопримство, објаснува Уалалу.

Мароканците се надеваат дека финалето на СП би можело да се игра на „Гран стад де Казабланка“, но и Шпанците имаат силни адути во два култни стадиона. Станува збор за иконскиот „Сантијаго Бернабеу“, кој темелно е реновиран, и за „Камп Ноу“, кој моментално е во фаза на реконструкција.

СП 2030 заеднички ќе го организираат Мароко, Португалија и Шпанија, а три натпревари ќе се одиграат во Аргентина, Уругвај и во Парагвај.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО