Во првото полуфинале на Европското првенство (ЕП) вечерва во Минхен (од 21 часот), ќе играат Шпанија и Франција, меч што фудбалските навивачи и експерти го сметаат за финале пред финалето.
Победникот од овој дуел ќе игра за титулата против подобриот од утрешниот, втор полуфинален натпревар Англија – Холандија.
Денешните противници на различни начини стигнаа до полуфиналето. Шпанија импресионираше со играта и со резултатите и е единствената селекција со максимален ефект на ова ЕП, со пет победи и гол разлика 11:2..
Шпанија групата со Италија, Хрватска и Албанија ја заврши со три победи. Потоа доминираше во мечот протув Грузија (4:1), во осминафиналето, а потоа во драматичен меч го совлада домаќинот Германија (2:1) во четвртфиналето.
Но, Шпанците вечерва против Франција ќе бидат многу ослабени затоа што нема да играат дури тројца стандардни првотимци. Карвахал и Ле Норманд се суспендирани, а Педри е повреден. Но, селекторот Луис Де ла Фуенте има достојни замени, а знае и како да го запре Килијан Мбапе.
Шпанија, трикратниот европски првак (1964, 2008 и 2012-та) нема освоено голем турнир откако ја одбрани европската круна 2012 година, по триумфот на Светското првенство (СП) 2010 година.
За разлика од доминантната Шпанија, Франција, двократниот европски прбак (1984 и 2000-та) се провлече до полуфиналето со слабите игри, особено за тим составен од многу одлични поединци.
На петте натпревари на ЕП, Франција постигна само три гола, од кои два беа автоголови, а еден од пенал. Франција во чиј напад се Мбапе, Гризман, Турам… не прими ниту еден гол од игра.
Групата со Австрија, Холандија и Полска ја завршија со една победа и со две ремија. Во нокаут фазата ја победија Белгија со 1:0, со автогол, а потоа и Португалија, на пенали.
Француските медиуми најавуваат дека поради ваквата лоша реализацијата, селекторот Дешам од првиот тим ќе го исфрли незаменливиот Антоан Гризман.
Шпанија и Франција досега одиграле 36 натпревари. Поуспешни се Шпанците со 16 победи, Французите имаат 13, а седум меча завршиле без победник.
Ова е шесто полуфинале на ЕП за Шпанија. Само еднаш не успеале да се пласираат во мечот за трофејот, на ЕП 2021 година. губејќи на пенали од шампионот Италија. Франција исто така петпати играла во полуфиналето, а победила трипати.