Рафаел Надал уште еднаш им приреди шок на своите навивачи, објавувајки им дека се повлекува од Мастерс турнирот во Индијан Велс, уште на првиот ден.
Шпанскиот тенисер истакна дека тоа го прави со „голема тага“, но дека не е подготвен да се натпреварува се уште на највисоко ниво.
– Со голема тага морам да соопштам дека се повлекувам од овој фантастичен турнир. Сите добро знаат колку го сакам ова место и колку сакам да се натпреварувам на овој турнир.
– Напорно работев и тренирав и сите знаете дека имав тест овој викенд, но не сум подготвен да се натпреварувам на највисоко ниво на така важен турнир. Тоа воопшто не беше лесна одлука, навистина тешка е, нема зошто да лажам илјадници навивачи. Ќе ми недостасува ова место и сигурен сум дека и во иднина ова ќе биде голем турнир, порача Рафаел Надал.
Тој полека сфаќа дека е исцрпен и дека силите треба да ги чува за неговиот најомилен турнир сезонава, Ролан Гарос.