Тениската репрезентација на Холандија се пласираше во полуфиналето на завршниот Дејвис куп турнир победувајќи ја Шпанија во Малага со 2:1, а во петок во полуфиналето ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Германија и Канада.
Поразот на Шпанија значи и дека кариерата на Рафаел Надал е завршена. Ботик ван де Зандшулп ќе остане запишан како играчот кој го победи на збогувањето (6:4, 6:4), со што стана единствениот тенисер кој успеал да го совлада Надал во сингл меч во Дејвис купот на шпанско тло.
Gracias Rafa, for everything ❤️💛#DavisCup #GraciasRafa #Rafa pic.twitter.com/zpoenLcXel
— Davis Cup (@DavisCup) November 19, 2024
Тоа беше втор пораз за Надал во Дејвис купот (скор 29:2), откако првиот го претрпе во 2004 година на дебито, кога во Брно беше поразен од пензионираниот чешки тенисер, Јиржи Новак.
– На некој начин, можеби е добро што тоа беше мојот последен натпревар. Загубив на првиот настап во Дејвис купот, а загубив и на последниот. Го затворив кругот. Сакав да му помогнам на тимот да победи, но не успеав, изјави 38-годишниот, сега пензиониран леворак тенисер.
На церемонијата на збогувањето, Надал зборуваше со солзи во очите и читаше проштални пораки од тениските великани. Легендите како Роџер Федерер, Новак Ѓоковиќ и Енди Мареј се простија од својот ривал, го поздрави Серена Вилијамс, како и Андрес Иниеста, Дејвид Бекам, Икер Касилјас…
– Моето тело ми кажа дека повеќе не сака да игра тенис. Морам да го почитувам тоа. Се чувствувам привилегирано. Хобито го претворив во бизнис. Најважно е да ме сметате за добра личност, е дел од она што го кажа Надал на збогувањето со тенисот.
Тенисот ќе го памети како еден од најголемите што некогаш зел рекет во раце. Поранешниот број 1 на АТП листата, единствениот што на таа позиција бил во минатите три децении, се пензионира со 22 грен слем титули, 92 освоени турнири, четири Дејвис купа и олимписко злато.
Тој остави најдлабока трага на париско тло. На Ролан Гарос, на турнирот пред чии терени од 2021 година има негова статуа, тој победи на 112 од 116 натпревари во кариерата и го освои дури 14 пати.
Тој освои две титули на Вимблдон, две на Австралија опен и четири на САД опен. Има 36 титули од турнирите од серијата Мастерс 1000.