Тренерот на Баерн Минхен, Томас Тухел ќе го напушти клубот на крајот од сезоната. Тухел ќе си замине една година порано од планираното како дел од „спортското преуредување“ во Баерн.
Тој го замени Јулијан Нагелсман лани во март и има договор до јуни 2025 година. Минатата сезона тој го предводеше Баерн до шампионската титула во Бундес лигата, но сега неговиот тим заостанува осум бода зад лидерот Баер Леверкузен.
Извршниот директор на Баерн, Јан-Кристијан Дресен рече дека двете страни се согласиле „взаемно да ја прекинат соработката, по „отворен и добар разговор“.
– Нашата цел е да извршиме спортско преуредување со нов тренер за следната 2024/25 сезона. Дотогаш, секој поединец во клубот има за цел да го постигне максимумот во Лигата на шампиони и во Бундес лигата.
Сметам дека тимот експлицитно е одговорен, особено во Лигата на шампиони. Убедени сме дека ќе се пласираме во четвртфиналето со поддршка на нашите навивачи, истакна Дресен.
Тухел, кој беше тренер на ПСЖ, на Борусија Дортмунд и на Челси, со кого триумфира во Лигата на шампиони во 2021 година, потврди дека ќе си замине по завршувањето на сезонава и оти дотогаш, со помошниците ќе направи се’ да се постигнат што поголеми успеси.