Трка околу Фландрија: Ван дер Поел триумфира по трет пат за пет години

Светскиот шампион на друмски трки, од Глазгов лани во август, Матје ван дер Поел, победи на Трката околу Фландрија, во Белгија, на делницата долга 270 километри.

Холанѓанецот (29) е седмиот велосипедист со три победи на оваа трка (во 2020 и 2022-та) и првиот што се искачил на победничкиот подиум на „Монументалната“ трка во пет последователни сезони (во 2021 и 2023-та беше втор).

-Тоа беше една од најтешките трки во мојот живот. Бев „мртов“ во последните неколку километри, но ги затворив очите и продолжив да ги притискам педалите, изјави Ван дер Поел, кој ќе биде фаворит и на трката Париз – Рубе следната недела.

„Монументали“ се нарекуваат петте класични еднодневни пролетни трки, Околу Фландрија, Милано – Сан Ремо, Париз – Рубе, Лиеж – Бастоњ – Лиеж и Џиро ди Ломбардија.

Ланскиот победник, Словенецот Тадеј Погачар не учествуваше на трката бидејќи сезонава е фокусиран на Џиро д’Италија и на Тур де Франс.

Кај жените, победи Италијанката Елиза Лонго Боргини (32) која е петтата велосипедистка што победила двапати на Трката околу Фландрија, првиот пат во 2015 година.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО