Никола Калиниќ повторно му се приклучи на првиот тим на Хајдук и од денеска ќе ги започне подготовките за продолжението на сезоната, пишува сајтот на Хајдук.
Искусниот напаѓач по пауза од неколку месеци се враќа во Пољуд, а денеска и официјално потпиша договор со клубот до крајот на актуелната сезона. Договорот на Калиниќ со „белите“ истече на крајот на јули минатата година, а тој тогаш реши да паузира неколку месеци.
Во текот на ноември минатата година, тренерот Мислав Кароглан и спортскиот директор Миндаугас Николичиус остварија разговор со него и заеднички заклучија дека Никола прво ќе одработи серија индивидуални тренинзи пред да се вклучи во целосниот тренажен процес со остатокот од тимот на почетокот на подготовките за продолжението на сезоната.
Да додадеме дека македонскиот интернационалец Александар Трајковски доброволно му го подари на Калиниќ дресот со број 9 кој секогаш го носеше во Хајдук, а македонскиот напаѓач отсега ќе го носи бројот 27.