Арсенал денеска непријатно ги изненади своите навивачи, откако беа поразени од Астон Вила на домашен терен и буквално си направија штета сами на себе во битка за титулата.
По поразот, Микел Артета за тоа беше свесен и го потенцира тоа на пресот пред медиумите.
– Повеќе не ја контролираме сами битката за титулата. Сега главниот збор ќе го има Манчестер Сити, тоа што тие ќе го сторат, тоа ќе биде реалност. Она што можеме и мора да го направиме е да победуваме до крајот на сезоната. После овој удар, потребна е реакција, порача Артета.
„Топчиите“ против Астон Вила одиграа две различни полувремиња. Во првиот дел доминираа, додека во вториот гостите го зададоа ударот и си ја засилија позицијата која води во ЛШ идната сезона.
– За Астон Вила секоја чест, но ние имавме лошо полувреме. Но на ова ниво кога ќе ги прокоцкате своите шанси, тогаш противникот ќе ве казни, се надоврза Микел Артета.