Томас Милер: Модерниот фудбал е премногу мек за мене, цврстината има свој шарм!

Ѕвездата на Баерн Минхен, Томас Милер, тврди дека модерниот фудбал станал „премногу мек“. Милер 15 сезони настапува за Баерн, притоа освојувајќи 12 титули во Бундеслигата и две во Лигата на шампиони (ЛШ).

За Германија тој има 126 настапи и триумф на Светското првенство (СП) 2014 година во Бразил.

– Морам да бидам искрен и да кажам дека денешниот фудбал понекогаш е премногу мек за мене. Цврстината има свој шарм. Не мора да биде нехумано, но на тренерите треба да им се дозволи да покажат одредено ниво на цврстина спрема своите играчи. Како играч, треба да можеш да го истрпиш тоа или нема да стигнеш далеку, изјави Милер за Спорт Билд.

И покрај тоа што ги посочи потенцијалните проблеми, Милер нема намера наскоро да „ги закачи копачките на шајка“ и да се збогува со фудбалот. Минатиот месец тој го продолжи договорот со Баерн до јуни 2025 година.

Милер (34) постигна 237 гола и забележа 263 асистенции на 686 натпревари за германскиот гигант и се’ уште чувствува дека има многу да му понуди на тимот на Томас Тухел.

– Имаме одлични напаѓачи во Баерн, конкуренцијата е голема. Мислам дека сезонава покажав оти сè уште можам да придонесам во напаѓачката линија. Еднаш прочитав дека сум бил инволвиран при постигнувањето на повеќе голови отколку Зинедин Зидан! Но, шегата настрана, поради магијата на играта и естетиката на фудбалот, волшебниците како Меси или Зидан се сосема друга категорија за мене, истакнува Милер.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО