Терзиќ, тренерот на Борусија пред финалето во ЛШ: Можеме да го победиме Реал на еден натпревар

Борусија Дортмунд и Реал Мадрид во сабота (21 часот) на „Вембли“ во Лондон ќе го играат финалето од Лигата на шампиони (ЛШ) во фудбал. Реал за кого тоа ќе буде шесто финале во ЛШ во последните 10 години се смета за фаворит за триумф.

Един Терзиќ, тренерот на клубот од Дортмунд кој го освои петтото место во Бундеслигата, верува дека можат да го победат Реал.

– Ќе се соочиме со исклучително силен тим кој честопати игра во финалето, но знаеме дека се’ е можно во еден натпревар. Да игравме 10 пати со Реал, веројатно ќе беше тешко да се победи во целина, но на еден натпревар, во текот на 90 или 120 минути и пенали, можеме да го победиме секој противник во светот, изјави Терзиќ за УЕФА.

Терзиќ, кој ги води „жолто-црните“ од летото 2022 година, вели дека сезонава веќе успеале да ги совладаат Њукасл, Милан, ПСВ, Атлетико Мадрид и ПСЖ.

– Од натпревар во натпревар беше се’ потешко, но сега кога стигнавме дотука сакаме да го направиме и овој последен чекор, истакнува Терзиќ.

Кревањето на трофејот во ЛШ би било остварување на сонот за Терзиќ, чија мајка е од Хрватска, а татко му од БиХ. Роден е пред 41 година во мало германско гратче во близина на Дортмунд, а на телевизија гледал како Борусија станува европски првак во 1997 година.

-Тогаш имав 14 години. Следниот ден бев на аеродромот со брат ми кога играчите слетаа од Минхен, каде што се играше финалето, се потсетува Терзиќ, кој снимката од победата над Јувентус, 3:1 ја гледал неколку пати.

Играл за неколку нисколигашки тимови, а потоа и се посветил на тренерската работа. Вршел неколку должности во Борусија, бил помошник на Славен Билиќ во Бешикташ и во Вест хем, а потоа се вратил во Дортмунд и се пробил до клупата на првиот тим.

– Нема формула за успех затоа што работите со луѓе. Секој ден има нови предизвици, нови задачи што некому му ги давате, па не можете да стоите во место. Секој ден учите нешто за групата што ја водите и со која работите, и секако за себе, смета Терзиќ.

Терзиќ на кого ова ќе му биде прво финале во ЛШ признава дека му недостига искуството што го има неговиот ривал, Карло Анчелоти (64), кој четирипати бил првак на Европа.

– Иако сум тренер половината од мојот живот, сепак сум млад во оваа работа. Затоа сум опкружен од поискусни луѓе за да не правам грешки кои можат да се избегнат, објаснува Терзиќ, кој е убеден дека Борусија може да стане европски шампион доколку неговиот тим покаже „оптимизам, заедништво, борбеност и храброст“.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО