Суперкупот на Италија во Саудиска Арабија, копија на шпанскиот формат

Интер, Наполи, Лацио и Фиорентина се подготвени да „играат и да ги земат парите“, според зборовите на еден од тренерите, во рамките на италијанскиот Суперкуп во Саудиска Арабија.

Новиот турнир со четири тима што ќе се одржува во Ријад е копија на шпанскиот формат и на него ќе настапат шампионот во Серија А, Наполи, кој вечерва ќе игра против финалистот во Купот на Италија, Фиорентина.

Утревечер ќе се сретнат победникот на италијанскиот куп, Интер и вицешампионот во Серија А, Лацио.

Победниците ќе играат во финалето во понеделник.

– Сите знаат што мислам јас за овој турнир, дека е се’ друго освен спорт, „земи ги парите и бегај“. Одиме низ светот и молиме за пари. Со сите проблеми што ги имаме во врска со календарот за натпревари, направивме и Суперкуп со четири екипи. Ако модерниот фудбал е ваков тип на еволуција, тогаш мило ми е што сум старомоден, изјави тренерот на Лацио, Маурицио Сари.

Суперкупот порано беше еден натпревар помеѓу шампионот во Серија А и освојувачот на Купот на Италија и се играше пред почетокот на новата сезона. Годинава тоа е променето и вклучи уште два тима.

Победникот на турнирот ќе добие осум милиони евра, а поразениот пет милиони. Другите два тима ќе добијат по 1,6 милиони евра.

Шпанскиот Суперкуп со четири тима во средината на сезоната се игра исто така во Ријад, Саудиска Арабија од 2020 година. Годинава, поточно минатата недела, Реал Мадрид ја победи Барселона во финалето.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО