Во пресрет на големото градско дерби со Вардар, тренерот на Работнички, Горан Станиќ во гостувањето на Спортското радио 90.3 фм, зборуваше за очекувањата од неделната пресметка со еден од главните ривали и во трката за опстанок во лигата.
– Од наша страна засега се’ оди според планот. Работиме во одлична атмосфера и се подготвуваме за дербито. За Вардар знаеме како ја почна сезоната, во каква ситуација беше и каде е сега. Ние почнавме добро, со поинакви аспирации од она каде што сме сега. Верувам во моите фудбалери и одиме на победа.
Ова не е преголем оптимизам, навистина го мислам тоа, затоа што имаме квалитет да се натпреваруваме со која било екипа. Тоа го докажавме и досега во шампионатот, ниту една екипа не може да биде сигурна во кој било меч.
Првенството е едно од поинтересните, кога ќе се сетам на минатите првенства во Македонија. Навистина, од борбата за титулата и за излез во Европа, па до борба за опстанок, сите екипи се со израмнет квалитет.
Ги канам сите љубители на фудбалот од Скопје, да дојдат, да поминат убаво време на мечот. Се надевам дека ќе има многу голови, добра игра, многу шанси и возбудувања, рече тренерот на „Херојот од Дебар Маало“, во интервјуто за Спортското радио 90.3 фм.