Србите во неверување: Пикси ќе добие специјален, милионски „бонус“!?

Дел од српските медиуми денеска објавија информација за „контроверзната“ точка од договорот на селекторот Драган Стојковиќ Пикси со Фудбалскиот солуз на Србија (ФСС).

Србија беше елиминирана во групната фаза на ЕП, а атмосферата, во и околу репрезентацијата, како и во српската спортска јавност е блиску до „точка на вриење“.

Во јавноста се прошири наводното незадоволство од соблекувалната на „орлите“. Како главен виновник за испаѓањето од ЕП се посочува Драган Стојковиќ, кого синоќа новинарите на белградскиот аеродром го дочекаа со низа непријатни прашања.

– Сте чекале неуспех, еве, удрете, плукајте, навредувајте. Чекавте, нема да се лажеме. Негативните работи носат големо интересирање. Според вас, ние сме лоши, според мене не сме, им се нафрли Пикси на новинарите.

Денеска се појави информацијата за „контроверзната“ точка од договорот што Стојковиќ ја договорил со ФСС пред само два месеца. Според тој „анекс“ во договорот ФСС е должен да му плати на Пикси еден милион евра во случај на предвремен отказ, што сега речиси е извесен.

Српските медиуми оваа приказна ја издигнаа на ниво на скандал и поставуваат многубројни прашања до селекторот, но и до луѓето во Сојузот кои се согласиле на тоа.

Наводно самиот Стојковиќ инсистирал на оваа точка, и „избезумено“ се борел за „бонус“ во случај на дебакл на ЕП и отказ.

Српските медиуми пишуваат дека жесток противник на таквиот договор бил Бранислав Недимовиќ, потпретседателот на ФСС, кој сметал дека во случај на елиминација во групната фаза на ЕП, селекторот ќе мора да си замине од функцијата без компензација.

Инаку, годишната плата на Стојковиќ изнесува 1,4 милиони евра, плус дополнителни бонуси за пласман на големите натпреварувања.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО