Етиопјанецот, Сисај Лема и Кенијката, Хелен Обири се победници на маратонот во Бостон, еден од шесте најголеми маратони во светот (Њујорк, Чикаго, Лондон, Берлин и Токио) кој своето прво издание го имаше далечната 1897 година.
Етиопјанецот нападна рано, во првата половина имаше и рекордно време (1:00;19), но поради жешкото време забави и на крајот победи со време од 2:06,17 часа, 10-то најбрзо во 128-годишната историја на оваа трка.
Лема (34), победникот и во Лондон 2021-та, двапати не ја заврши трката на претходните четири маратони во Бостон, а неговиот најдобар резултат пред годинашната победа беше 30-то место.
– Успеав да ги поправам лошите резултати од минатото. Решив да тргнам брзо, мојот план беше да поставам рекорд на патеката. Но, патеката беше ридска што ме примири малку, како и топлото време, изјави Лема.
Втор беше неговиот сонародник, Мохамед Еса кој заостана 41 секунда, а трет ланскиот победник, Кениецот Еванс Чебет со задоцнување од 1,5 секунди зад победникот.
Во женската трка славеше минатогодишната победничка, Кенијката, Хелен Обири која низ целта мина во време од 2;22, 37 часа. Втора беше нејзината сонародничка, Шерон Локеди со осум секунди заостанување. Доминацијата на Кенијките ја потврди Една Киплагат која беше трета, со задоцнување од 44 секунди зад Обири.
– Знаев дека Шерон е многу силна и брза, па дадов се’ од себе на крајот. Форсирав колку што можев, но таа секогаш беше блиску до мене. Победата ме прави многу среќна, рече Чебет.