Предводникот на Интер до 20-та шампионска титула во Серија А, Симоне Инзаги, избран е за најдобар тренер во сезоната 2023/24, објави денеска италијанската лига.
Инзаги (48), кој е а клупата на Интер од 2021 година, го наследи Лучијано Спалети, кој минатата година со Наполи го освои италијанското првенство.
– Ова признание може да му припадне само на Симоне Инзаги. Тој е еден од најважните тренери на меѓународната сцена и постигна речиси совршена серија со својот тим, со најдобар напад, најдобра одбрана и серија од 28 последователни натпревари без пораз, рече шефот на италијанската лига, Луиџи Де Сиерво, коментирајќи ја одлуката донесена од директорите на спортските медиуми.
Интер ја завршува сезоната 2023/24 со 29 победи, шест ремија и само два пораза. Пред крајот на 38-то, последно коло во италијанското првенство во недела, Интер има 19 бода предност од второпласираниот Милан.
Интер го освои и италијанскиот Суперкуп, но беше елиминиран во осминафиналето на Лигата на шампиони (ЛШ) во која лани беше финалист.