Серија А : Удинезе казнет со еден натпревар без публика поради навредите на Маињан

Удинезе ќе мора да одигра еден натпревар зад затворени врати затоа што голманот на Милан и на Франција, Мајк Маињан, беше расистички навредуван минатиот викенд, објави Дисциплинската комисија на италијанската Серија А.

Маињан (28) беше малтретиран на мечот Удинезе- Милан, 2:3 во саботата. Тој натпревар беше прекинат пет минути во првото полувреме по повторените навредливи извици зад голот каде што бранеше Маињан.
Серија А соопшти дека „одлучила да го санкционира Удинезе со обврска да одигра еден натпревар зад затворени врати“.

Од Удинезе најавија дека на навивачот ќе му изречат доживотна забрана за следење на нивните натпревари. „Оваа забрана стапува во сила веднаш“, соопштија од клубот.

Претходно, италијанските медиуми објавија дека е идентификуван 46-годишен маж од близината на Удине. Се верува дека тој е на видеото кое се прошири на социјалните мрежи. На тоа видео јасно се слуша како некој вон дометот на камерата неколкупати ја извикува истата расистичка навреда кон Маињан.

Маињан на италијанските фудбалски власти во неделата им порача: „Ако не направите ништо, ќе бидете соучесници“.

Маињан и порано беше малтретиран врз расна основа од навивачи во Италија. Тој беше цел на навивач на Јувентус во септември 2021 година.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино се заложи за казни за навивачите и за суспензија на стадионите, како и за одземање бодови на тимовите чии навивачи непристојно и расистички ќе се однесуваат.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО