Серхио Рамос ја купува Севиља

Легендата на Реал Мадрид, Серхио Рамос, во име на инвестицискиот фонд „Фајв Илевен Капитал“, постигна договор со мнозинските акционери на Севиља за купување на клубот, а останува уште само потпишувањето на документацијата и одобрување на операцијата од Високиот совет за спорт на Шпанија (ЦСД).

По состанокот во понеделникот, кој траел речиси десет часа, Рамос заедно со својот доверлив адвокат Хулио Сен и извршниот директор на „Фајв Илевен Капитал“, Аргентинецот Мартин Инкс, во вторникот повторно се сретнал со претставниците на семејствата Дел Нидо, Карион, Алес, Кастро и Гихаро, сопствениците на Севиља.

Средбата завршила со „целосен договор“, потврдиле извори блиски до преговорите за агенцијата ЕФЕ.

Според договорот, кој сè уште треба официјално да биде заверен кај нотар и одобрен од „ЦСД“, ќе бидат продадени околу 60 проценти од акциите на клубот. Вредноста на Севиља е проценета на повеќе од 400 милиони евра.

Првиот контакт на поранешниот шпански репрезентативец со раководството на Севиља бил кон крајот на 2025 година, а преговорите значително се интензивирале од март.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО