Арсенал се соочува со сериозен проблем пред самиот финиш на сезоната, откако дефанзивецот Бен Вајт ќе ги пропушти преостанатите два натпревари во Премиер – лигата против Барнли и Кристал Палас, како и финалето на Лига на шампиони против Пари Сен Жермен, по повреда на коленото заработена на дуелот со Вест Хем.
За менаџерот Микел Артета ова претставува сериозен удар, бидејќи Арсенал би можел да остане без класичен десен бек до крајот на сезоната. Јуриен Тимбер сè уште е надвор од терените по повредата на зглобот, што дополнително ги комплицира опциите во одбраната.
Арсенал е во борба за титулата во Премиер – лигата и може да стане шампион ако победи на преостанатите два натпревари. Финалето на Лигата на шампионите е закажано за 30 мај во Будимпешта, каде лондонскиот клуб ќе се соочи со ПСЖ.
Оваа повреда фрла сенка и врз шансите на Бен Вајт да настапи за Англија на претстојното СП.
Англија својот прв натпревар на турнирот го игра на 17 јуни против Хрватска, а во групата се уште Гана и Панама. Вајт сега влегува во трка со времето за опоравување.