Серафимов во пресрет на сезоната: Алкалоид ќе оди на победа на секој меч во новата сезона

Ракометарите на Алкалоид повторно се вратија во погон по успешно завршената сезона и кусата летна пауза. Подготовките за новите предизвици се во полн ек, со сè поинтензивен тренажен процес од ден на ден, а првата фаза од програмата веќе е при крај.

Тимот ќе остане во Скопје уште четири дена, по што се сели во Маврово, каде што ќе се одвива главниот дел од физичката подготовка – клучна фаза за темелна кондиција пред почетокот на натпреварувањата.

„Зад нас е долга и напорна сезона со низа важни мечеви, особено во завршницата. Одморивме, но сега сме повторно на стартна линија. Знаеме што нè очекува и колку се важни овие подготовки – затоа влегуваме максимално посветено од првиот ден“, изјави ракометарот Мартин Серафимов за официјалниот клупски сајт.

Тој додаде дека неколку нови имиња се приклучиле на тимот, но атмосферата е таква што секој е подготвен да помогне и да се вложи до максимум.

„Очекува нè уште посилна сезона во домашното првенство, конкуренцијата расте, но Алкалоид секогаш игра на победа – без разлика на ривалот. Целта ни е јасна: сакаме да се бориме за секој трофеј и да бидеме конкурентни во секое натпреварување.“

Коментирајќи ја ждрепката за европските квалификации, Серафимов не крие дека нивниот противник, германски Хановер, е исклучително квалитетна екипа.

„Добивме можеби и најтешкиот можен противник од сите во конкуренција. Станува збор за тим со сериозен состав и искуство, но нема да се откажеме. Ќе дадеме сè од себе, ќе се бориме до крај и ќе настојуваме да го извлечеме максимумот.“

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО