Се воведуваат нови тениски правила

Светските тениски здруженија на тенисерите и тенисерките, АТП и ВТА постигнаа договор за сатниците на турнирите.

Постигнат е договор мечевите во вечерниот дел од програмата да не траат до раните утрински часови. Според новите правила, натпреварите на АТП и на ВТА турнирите нема да траат по 23 часот, објави Би-би-си.

Во текот на натпреварувачкиот ден на секој терен нема да се играат повеќе од пет натпревари, за да се избегне останување на играчите на теренот до доцна, што „се одразува негативно на играчите и навивачите“.

Германскиот тенисер Александар Зверев го победи Американецот Џенсон Бруксби на турнирот во Акапулко минатиот февруари во меч кој заврши во 4.55 часот по локално време, што е најдоцен финиш за професионален тениски меч.

Сепак, со дозвола на супервизорот, натпреварите ќе можат да започнат по 23 часот, а организаторите на турнирот ќе можат да побараат ослободување врз основа на временските услови или локалните културни традиции во исклучителни околности.

Беше предложено ноќната програма на турнирот да не започнува пред 19.30 часот, а идеално да биде еден час порано.

Правилата ќе бидат тестирани во текот на оваа година, а дополнително ќе се ревидираат на крајот од годината. Грен-слем турнирите имаат свои правила и не се засегнати од новите правила на светските асоцијации.

Но, организаторите на Австралија опен воведоа промени за да се избегнат доцните финиширања на натпреварите, меѓу кои и онаа од минатиот јануари, кога Британецот Енди Мареј и локалниот играч Танаси Кокинакис завршија во четири часот.

Од годинава вечерната програма ќе започне во 19 часот, а само два натпревара ќе се играат на главните терени попладне, за вечерната програма да почне навреме.

Вимблдон е единствениот грен-слем турнир каде што играњето престанува во 23 часот.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО