Ролан Гарос: Ига Швјатек и Коко Гoф се првата полуфинална двојка

Бранителката на титулата, Ига Швјатек од Полска и Американката, Коко Гоф ќе се сретнат во полуфиналето на грен слем турнирот на Ролан Гарос, во четврток.

Првата светска тенисерка, Швјатек во четвртфиналето одигра уште еден одличен меч и убедливо ја совлада шестата носителка, Маркета Вондрушова од Чешка, со 6:0, 6:2, шампионката од Вимблдон лани, финалистката на Ролан Гарос 2019-та и освојувачката на сребрен медал на Олимписките игри во Токио 2020-та.

Швјатек (23) во претходната рунда ја „растури“ Русинката, Анастасија Потапова, без загубен сет, 6:0 и 6:0

– Сè функционираше како што треба. Чувствував дека сервирам подобро отколку во претходните рунди, што ми даде дополнителна самодоверба. Можев да ја играм мојата игра, да одам со мојата тактика и да не размислувам премногу, рече Швјатек.

Третата носителка, Гоф (20) се пласира меѓу најдобрите четири по победата над Тунижанката, Онс Жабер, во три сета, со 4:6, 6:2 и 6:3.

– Таа беше тешка противничка. Се обидував да бидам поагресивна, но таа играше навистина добро и погоди многу „винери“, на што не сум навикната. Бев малку стегната, но го направив тоа што требаше, изјави Гоф по мечот.

Гоф, вицешампионката на Ролан Гарос 2022-та, која е во полуфиналето на третиот грен слем турнир во низа, ќе атакува на втората „голема“ титула откако лани победи во Њујорк.

Швјатек ја продолжи победничката серија на Ролан Гарос на 19 меча, и игра за третиот трофеј по ред во Париз, четврти во последните пет години.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО