Анчелоти: Рафиња се враќа, но најголемата задача е како да се запре Халанд

Селекторот на Бразил, Карло Анчелоти, потврди дека Рафиња е подготвен повторно да настапи по повредата и би можел да добие минутажа во осминафиналниот дуел против Норвешка, но призна дека неговиот тим ќе мора да најде ново решение поради повредата на Лукас Пакета.

Рафиња се врати на тренинзите во петокот, по двонеделна пауза поради повреда на задната ложа, која ја заработи на натпреварот против Хаити во групната фаза.

„Рафиња закрепнува одлично. Сè уште не е сто проценти подготвен, но ќе биде на клупата и може да помогне со неколку минути кога тоа ќе биде потребно. Закрепна многу брзо и сите сме среќни бидејќи тој е исклучително важен играч за нашата репрезентација“, изјави Анчелоти.

Бразил против Норвешка ќе биде без Лукас Пакета, кој се повреди на мечот против Јапонија, па италијанскиот стратег ќе мора да прави промени во средниот ред.

„Во составот немаме играч со карактеристиките на Лукас Пакета, па ќе мораме да го замениме со фудбалер со поинаков профил. Данило, Габриел, Матеус Куња и Едерсон се различни типови играчи. Ќе го изберам оној што најмногу одговара на нашиот план за игра и на силните страни на противникот“, рече Анчелоти.

Можноста Рафиња повторно да биде на располагање, заедно со Нејмар, му дава дополнителна креативност на Бразил во нападот.

Сепак, најголемата опасност доаѓа од норвешката страна, каде што главно оружје е Ерлинг Халанд.

„Сите знаат кој е Халанд. Не треба јас да им објаснувам на моите дефанзивци како игра. Тие многу подобро го познаваат бидејќи многупати играле против него. Секако дека ги анализиравме неговите карактеристики, бидејќи станува збор за исклучително опасен напаѓач“, истакна Анчелоти.

Играчот од средниот ред Бруно Гимараеш смета дека клучот ќе биде да не му се дозволи на Халанд да добива употребливи топки.

„Мораме да се обидеме да спречиме топката да стигнува до него. Ние ќе напаѓаме, но секогаш некој ќе мора да биде блиску до Халанд за да не му оставиме простор. Знаеме дека му е доволна само една шанса за да го реши натпреварот“, изјави Гимараеш.

Тој очекува Норвежаните да бидат особено опасни по прекини.

„Ќе испраќаат многу топки во нашиот шеснаесетник, а секој корнер и секој слободен удар ќе се обидат максимално да го искористат. Цела недела работевме токму на тоа како да ги неутрализираме нивните најсилни страни. Нè очекува многу тежок натпревар“, додаде бразилскиот репрезентативец.

Анчелоти призна дека нокаут-фазата секогаш носи дополнителен притисок, но верува дека неговиот тим е подготвен.

„Загрижен сум, како и секогаш. Но, тоа не значи дека сум нервозен. Имам доверба во моите играчи. Напредувавме како тим и се надевам дека утре ќе бидеме уште подобри“, порача селекторот на Бразил.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО