Ристо Вуков 18-ти на Порше Суперкупот во Монако, но и многу побрз од лани

Ристо Вуков го комплетираше настапот во Монако на втората трка сезонава во Порше Суперкуп, во втората сезона по ред. На крајот монотоната трка, без многу промени од стартниот поредок, тој беше 18-ти, а стартуваше од 20-та позиција.

На трката која се возеше пред Ф1 спектаклот настапија 24 возачи во највисокото ниво во ова натпреварување. Во споредба со лани годинашната трка беше побрза и неа најбрзиот круг на Вуков беше 1:35.297 минути или речиси 3,5 секунди побрзо (1:38.675 во 2023-та).

Првите двајца возачи лани имале времиња од 1:34.4, што е за половина секунда побрзо (1:33,9) што кажува дека имало подобро услови за возење и дека конструкциите еволуирале.

– Минатата година имав тежок старт бидејќи се откажа трката во Имола поради поплавите во Емилија Ромања, а во Монако го оштетив возилото со преголема желба да се докажам. Тоа ми беше лекција и годинава бев многу повнимателен на тренинзите и во квалификациите, односно се обидов да го дадам најдоброто од себе во трката.

Морам да признам дека со инженерите одлучивме „да се коцкаме“ и да преземеме извесни ризици при штелувањето, кои на крајот не ни се исплатеа. Отидовме еден чекор поагресивно при тунирањето, очекувајќи дека може да има излетувања и прекини, односно излегување на возило за безбедност.

Тоа не се случи, па во последната третина од трката веќе ми беа истрошени пневматиците и немав шанса за напредок во финишот. Задоволство ми е да видам дека сум бил 3,5 секунди побрз во најбрзиот круг, но сепак свесен сум дека имам уште простор за напредок и тоа е она што ме мотивира, изјави Вуков.

Третата од предвидените осум трки во календарот ќе се вози на 30 јуни, во Австрија, а пред тоа Вуков планира најмалку две тестирања со својот тим Омбра од Италија.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО