Ретклиф сака во Манчестер да гради „национален стадион на северот од Англија“

Новиот косопственик на Манчестер јунајтед, Џим Ретклиф, вели дека има намера да изгради нов клупски стадион кој ќе може да му „послужи на северот од Англија“.

Јунајтед од 1910 година игра на стадионот „Олд Трафорд“ кој е со капацитет од 74.310 места, но Ретклиф вели дека е веќе „уморен и му е потребна реконструкција“. Новиот стадион би можел да се изгради веднаш до постоечкиот, во Трафорд парк.

– Време е некој да изгради национален стадион на северот од Англија, изјави британскиот милијардер.

Ретклиф додаде дека потенцијалниот проект може да биде „катализатор за регенерација“ на јужен Манчестер и затоа ќе „поразговора“ со владата околу користењето на парите од даночните обврзници.

Ретклиф (71) истакнува дека новиот стадион би можел да биде домаќин на натпреварите на Англија и на полуфиналињата и финалето на ФА купот, кои се играат на „Вембли“ во Лондон, како и на финалето во Лигата на шампиони (ЛШ).

Поради застареноста и недоволните комерцијални капацитети, „Олд Трафорд“ не е избран за домаќин на натпреварите на Европското првенство (ЕП) 2028-та. Последен пат таму се одигра финалето во ЛШ 2003 година кога Милан го победи Јувентус на пенали.

Ретклиф додеде дека опцијата за реновирање би создала стадион со капацитет од 80 до 90.000 седишта, но тој „нема да биде совршен“ поради неговата старост.

Тој вели дека ќе се состави „работна група од различни профили“ за да се испита можноста за изградба на нов стадион.

– Трафорд паркот е местото каде што започна индустриската револуција. Денеска тој дел од Манчестер, на само еден 1,5 км од центарот, е запоставен и руиниран. Постојат многу аргументи за регенерирање на јужниот дел на Манчестер. Јадрото на тоа ќе биде изградбата на нов, најсовремен стадион од светска класа, истакнува Ретклиф кој е роден во Манчестер.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ






НАЈНОВО