Признанијата на ФИФА за Меси, Бонмати, Гвардиола, Вигман…

Аргентинецот Лионел Меси, играчот на Интер Мајами од САД, прогласен  е за најдобар фудбалер за 2023 година во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА).

Конкуренти не Меси му беа Норвежанецот Ерлинг Халанд од Манчестер сити и Французинот Килијан Мбапе од ПСЖ.

Меси (36), кој 2023 година ја започна во ПСЖ, пред да се пресели во Интер Мајами во јуни, по трет пат ја добива оваа награда, по 2019 и 2022 година.

За најдобар тренер беше прогласен Пеп Гвардиола кој со Манчестер сити освои три титули, во Премиер лигата, во Лигата на шампиони (ЛШ) и во ФА купот.

Едерсон од Сити ја доби наградата за најдобар голман.

Наградите на ФИФА генерално покриваат една календарска година и се разликуваат од наградите „Златна топка“, кои се доделуваат за настапите во текот на една сезона. Меси има освоено осум „Златни топки“.

Тимот на годината го сочинуваат: Тибо Куртоа (Реал Мадрид), Џон Стоунс, Кајл Вокер, Рубен Дијас, Бернардо Силва (Манчестер сити), Џуд Белингам (Реал Мадрид), Кевин де Брујне и Ерлинг Халанд (Манчестер сити), Килијан Мбапе (ПСЖ), Лионел Меси (Интер Мајами) и Винисиус Жуниор (Реал Мадрид).

Наградата „Пушкаш“, именувана според унгарската легенда Ференц Пушкаш, за најубав гол, ја доби Бразилецот Гилерме Мадуга, кој игра за второлигашот Ботафого.

Кај жените, за фудбалерка на годината беше прогласена Аитана Бонмати, која настапува за Барселона. Таа со Шпанија стана светска првенка лани во Австралија.

Селекторката на светскиот вицепрвак Англија, Сарина Вигман, беше прогласена за женски тренер на годината, а Мери Ерпс за најдобра голманка, втора година по ред. Холанѓанката Вигман по рекорден четврти пат го добива признанието, по 2017, 2020 и 2022 година.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО