Поранешниот менаџер на Арсенал и актуелен шеф за глобален фудбалски развој на Светската фудбалска федерација (ФИФА), Арсен Венгер продолжува да инсистира на промени во фудбалот.
Како главен проблем на ВАР-от тој го потенцира офсајдот сметајќи дека тоа мора да се подобри. Неговиот предлог за подобрување на тој дел од играта подолго време се тестира, и ќе продолжи пред да се донесе одлука за евентуална промена на правилото.
– Луѓето најмногу го критикуваат ВАР-от поради офсајдот. Имавме офсајди поради дел од сантиметар или буквално поради носот. Мораме брзо да ја промениме ситуацијата, има простор за промена на правилата. Не може да се досуди офсајд бидејќи дел од носот на играчот е во недозволена позиција, вели Венгер.
Според Венгер „играчот не е во офсајд доколку некој дел од неговото тело со кој може да постигне гол е во линија со последниот играч од противничката одбрана, дури и ако другиот дел од телото на напаѓачот е пред одбранбениот играч“.
Пред да биде прифатен предлогот на Венгер, ако воопшто се прифати, тоа треба да се види на дело. Токму тоа се прави преку тестови на турнирите за помлади играчи во Шведска и во Италија.
Но има уште долг пат до презентирање на оваа идеја од ИФАБ, фудбалското тело задолжено за усвојување и верификување на правилата. Најраниот можен следен датум за ова е во февруари 2025 година, на состанокот на ИФАБ, кога би можело повторно да се разговара на таа тема.