Комплетирани се полуфиналните двојки на турнирот за НБА купот чија завршница ќе се одржи во Лас Вегас. За пласман во финалето Милвоки бакс ќе играат против Атланта хокс, а Оклахома Сити тандер против Хјустон рокетс. Полуфиналните натпревари ќе се играат на 14, а финалето на 17 декември.
Ракетите местото меѓу четирите најдобри екипи го заслужија со синоќешната победа против Голден Стејт вориорс. Во возбудлива завршница Хјустон негативата од 84:90 ја анулира во последните 1,17 минути и со серија од 7:0 стигна до 91:90.
Последните кошеви ги постигна Џејлен Грин од линијата за слободни фрлања, а на четири секунди до крајот, Брандин Поџиемски промаши тројка за победа.
Најдобар играч на Хјустон беше турскиот центар, Алперен Шенгун со 26 поени, 11 скока и пет асистенции. Џонатан Куминга постигна 20 и имаше седум украдени топки за Вориорс.
Во вториот натпревар на денот Хокс го победија Њујорк никс со 108:100. Во еден момент тие заостануваа и 14 поени, но во третата четвртина поведоа и ја задржаа предноста до крајот.
Тројца играчи на Атланта постигнаа повеќе од 20 поени, Де’Андре Хантер (24), Треј Јанг (22, 11 асистенции и пет скока) и Џејлен Џонсон (21, 15 скока, седум асистенции).
Најдобри играчи на Никс беа Џош Харт со 21 поен, осум скока и шест асистенции и Карл-Ентони Таунс, кој натпреварот го заврши со 19 поени и скока, пет асистенции и три блокади.