Женското одбојкарско финале го исфрли шампионот Работнички во фаворитска позиција пред третиот дуел со Струмица викендов, откако на првите две средби бранителките на трофејот остварија две максимални победи.
Тренерот на Работнички, Душко Деспотовски, во гостувањето на Спортското радио 90.3 фм ги сподели очекувањатa од финалната серија.
– Финалето секогаш е неизвесно. Струмица годинава имаше најдобар скор, претрпе само еден пораз до ова финале. Изненадувачки, во првите два натпревара славевме со по 3:0, но по поени и во сетови не беше така убедливо.
За нас работите тргнаа многу позитивно, одат во нагорна линија, сега сме на чекор до одбрана на шампионската титула од минатите две сезони, но се’ уште рано е да се зборува за освојување на трофејот.
Ќе дадеме се’ од себе да останеме на овој победнички пат. Ако успееме утре во Струмица да ја завршиме работата би било одлично, ако не, имаме шанса за поправен, вели Деспотовски.
Третиот меч од женското финале се игра утре во Струмица, од 18 часот.