НБА лига: Тејтум потпишува нов договор. Бостон ќе го има најскапиот тандем во историјата

Џејсон Тејтум, суперѕвездата на Бостон селтикс, летово треба да потпише нов договор, најголем во историјата на НБА, и со тоа да го надмине соиграчот Џејлен Браун, кој потпиша сличен договор минатото лето.

Браун лани потпиша петгодишно продолжување на договорот во вредност од потенцијални 304 милиони долари. Тејтум би требало да добие 315 милиони за истиот период, иако точната сума зависи од ограничувањето на платите или „селери капот“.

„Супермакс“ договорите што може да ги потпишуваат само играчи кои исполниле високи критериуми, зафаќаат 35 отсто од вкупниот износ што клубовите смеат да го потрошат за плати на играчите.

Условите за потпишување на „супермакс“ се однесуваат на индивидуалните награди како што се признанијата за МВП, за одбранбен играч на годината или вклучување во една од првите три најдобри петорки. Тејтум е постојан член на првата петорка во последните три години.

Тејтум има договор за следната сезона вреден 35 милиони долари и опција од 37 милиони за сезоната 2025/26. Но најверојатно со задоволство ќе се откаже од тоа кога новите НБА шампиони ќе му понудат продолжување, што ќе му донесе во просек по 63 милиони годишно.

„Супермаксот“ на Браун почнува следната сезона, а на Тејтум една година подоцна, така што Селтикс во сезоната 2025/26 ќе ги има двајцата најскапи играчи во лигата.

Сите важни играчи се врзани со повеќегодишни договори, па Бостон ќе нема проблем да го сочува тимот. Но ќе мора да плаќа огромен данок на луксуз и ќе има сериозни ограничувања околу доведувањето нови играчи.

Во летото 2025 година, Тејтум ќе го надминат Лука Дончиќ и Шеј Гилџус-Александер, кои по седмата сезона ќе дојдат на ред. Тогаш и „селери капот“ ќе биде уште поголем, со тоа и уделот на „супермаксот“.

Словенецот веќе ги исполни условите да потпише „супермакс“ договор со Далас бидејќи во последните две сезони беше вклучен во првата петорка во лигата, исто како и Канаѓанецот со Оклахома Сити тандер.

Во летото 2025-та се очекува значително зголемување на „селери капот“ благодарение на новиот вносен телевизиски договор, што значи дека договорот на Тејтум ќе надмине 360 милиони долари.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО