НБА лига: Јокиќ по трет пат МВП, како Бирд, Меџик…

Кошаркарот на Денвер нагетс, Србинот Никола Јокиќ избран е за најкорисен, МВП играч во регуларниот дел од сезонава во НБА лигата. За 29-годишниот центар на Денвер ова е трето вакво, највредно индивидуално признание во НБА лигата.

Јокиќ прв пат беше прогласен за МВП во сезоната 2020/21, а следната сезона ја продолжи доминацијата. Минатата сезона за МВП беше прогласен Џоел Ембид од Филаделфија сиксерс, но Јокиќ беше МВП во финалната серија.

Од вкупно 99 гласачи, дури 79 Јокиќ го ставија на првото место на листата, за 18 од нив тој беше на второто место, а само двајца го класифицираа како трет. Тоа му донесе дури 926 поени, по што заврши убедливо како најдобар, пред второпласираниот Шеј Гилџес-Александер. Словенецот Лука Дончиќ беше третопласиран.

Со третата МВП награда, Јокиќ му се приклучи на елитното друштво, на Лери Бирд, Мозес Мелоун и Меџик Џонсон кои исто така имаат по три вакви награди. Пред него се само Карим Абдул Џабар (6), Мајкл Џордан и Бил Расел (5) и Леброн Џејмс и Вилт Чембрлен (4).

Заедно со Џордан и Џејмс, Јокиќ е единствениот играч по 1990 година кој освоил три МВП награди. Јокиќ имаше фантастична сезона, со просек од 26,4 поени по меч, 12,4 скока, девет асистенции, 1,4 украдени топки и 0,9 блокади по меч.

Неговиот тим Денвер на крајот од сезоната заврши со скор од 57:25 победи и порази, и имаше идентичен биланс како Оклахома Сити тандер. Но Денвер сега има проблеми, односно е во негатива против Минесота вулфс (0:2) по двата пораза на домашен терен во втората плеј-оф рунда.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО