Навивач на Лацио уапсен во Минхен поради поздравување на Хитлер

Еден италијански навивач меѓу 100-та навивачи на Лацио кои пееја фашистички песни во пивницата каде што Адолф Хитлер ја основаше нацистичката партија беше уапсен и казнет поради поздравувањето на Хитлер.

Портпаролот на полицијата во Минхен, Мајкл Мариенвалд, изјави за Асошиетед прес (АП) дека на 18-годишникот од Италија му е изречена четирицифрена парична казна откако полицијата била повикана да интервенира во пивницата Хофбраухаус доцна вечерта во понеделникот.

Мариенвалд рече дека е можно полицијата да превземе натамошни дејствија против повеќе лица, откако поголемата група навивачи на Лацио беше снимена во пивницата како пее за „црните кошули“, паравоеното крило на италијанската Фашистичка партија.

Во видеото што го објави весникот „Ла Република“, навивачите ја завршуваат песната скандирајќи „Дуче! Дуче! Дуче“, на поранешниот италијански диктатор Бенито Мусолини, сојузникот на Хитлер, салутирајки во фашистички манир.

Хитлер ја основал Национал-социјалистичкатаработничка партија на Германија, попозната како Нацистичка партија, со говор во таа пивница во 1920 година.

Навивачите на Лацио беа во Минхен на натпреварот против Баерн Минхен во Лигата на шампиони (ЛШ). Баерн се пласира во четвртфиналето победувајќи во реваншот од осминафиналниот меч со 3:0 (во првиот меч беше 0:1).

Настанот го осуди и градскиот советник за спорт на Рим, Алесандро Онорато.

– Срамни се сликите на кои навивачите на Лацио пеат во чест на Дуче и го покажуваат римскиот поздрав. Го вовлекоа нашиот тим, сите навивачи и целиот град Рим во нечистотија, изјави Онорато.

Во Минхен имаше вкупно 3.400 навивачи на Лацио, од кои околу стотина се собраа во споменатата пивница.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО