ЛШ: Богати премии за фаворитот од „сенка“, ветени 13 милиони евра на играчите

Минатогодишниот финалист во Лигата на шампиони (ЛШ), Интер кој беше поразен од Манчестер сити (0:1) во Истанбул, повторно има силни (финансиски) мотиви за сличен, ако не и за подобар резултат.

Италијанскиот весник „Газета дело Спорт“ пишува дека Интер им обезбедил богати премии на играчите за успех во најсилното клупско натпреварување. За триумф во ЛШ играчите ќе добијат околу 13 милиони евра.

– Стимулациите за играчите утврдени пред елиминациската фаза вклучуваат бонус од два милиони евра нето за минување на секоја рунда. Со елиминирањето на Атлетико ќе биде освоен првиот бонус, а пласманот во полуфиналето би донел уште два милиони евра, објави Газета.

Се истакнува дека играчите иако веќе заработуваат доволно би имале дополнителен поттик кој не може да биде штетен.

– Ако се ограничиме на фиксните бонуси, секој играч во тимот на Симоне Инзаги би заработил околу половина милион евра, заклучува Газета.

Ваквите премии се релативно мала сума со оглед на тоа колку клубот би заработил од паричните награди од УЕФА.

Тимовите кои го минаа елиминацискиот дел добија по 9,6 милиони евра. Пласманот во четвртфиналето вреди 10,6 милиони, во полуфиналето нови 12,5 милиони, а пласманот во финалето уште 15,5 милиони евра.

Победата во финалето и осворената титула, парадоксално носи „само“ 4,5 милиони евра. Победникот во ЛШ од почетокот до крајот може да добие најмногу 85,14 милиони евра од УЕФА.

Интер моментално е на првото место во Серија А, со 15 бода предност пред Јувентус и практично го обезбеди „скудетото“. Овој факт му овозможува на Интер целосно да им се посвети на обврските во ЛШ, што го прави сериозен кандидат за титулата првак на Европа.

За да се пласира во четвртфиналето Интер ќе треба да го елиминира Атлетико Мадрид, кого во првиот меч во Милано го совлада со минимални 1:0. Реваншот во Мадрид е на 13 март.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО