Модриќ пред финалето на ЛШ: Спијам мирно, нема нервоза!

Хрватскиот фудбалер, Лука Модриќ денеска од Мадрид лета за Лондон, каде што во сабота (21 часот) на стадионот „Вембли“, треба да настапи во финалето на Лигата на шампиони (ЛШ) против Борусија Дортмунд.

– Сите велат дека лесно ќе победиме, но треба да бидеме многу внимателни на тој натпревар. Многумина мислеа дека Баер Леверкузен лесно ќе ја победи Аталанта во Лига Европа, па видовме што се случи, истакна хрватскиот играч за врска за радио станицата КOПЕ (COPE).

Модриќ (38) кој има освоено пет трофеи во ЛШ вели дека е мирен пред мечот во Лондон.

– Неделава ми минува како и обично, со семејството и со пријателите. Ако уште отсега почнам да размислувам за натпреварот, ќе полудам. Кога ќе пристигнеме во Лондон ќе размислувам за тоа и за можните сценарија. Мораме што подобро да се подготвиме и потоа да го одиграме најдобриот натпревар сезонава, истакнува Модриќ.

Капитенот на Хрватска и заменик капитен на Реал Мадрид, многупати има играно во важни финалиња. На Светското првенство (СП) 2018 година и минатото лето во Лигата на нации (ЛН). Затоа и потенцира дека нема трема пред натпреварот што ќе го реши европскиот клупски шампион.

– Мирно спијам. За мене ова е финале како и секое друго. На денот на натпреварот ќе се однесувам како и секогаш. За ручек тестенини и пилешко, потоа ќе гледам некоја серија или филм за да заспијам. Ќе дремнам малку попладне, половина час или еден час, не премногу, вели тој.

Модриќ објаснува дека тензијата која вообичаено им претходи на важните натпревари „не го вознемирува“ и оти не чувствува нервоза. Во минатите 10 години тој пет пати играше за Реал Мадрид во финалето на ЛШ и секој пат излегуваше како победник, по двапати против Атлетико Мадрид и Ливерпул, и еднаш против Јувентус.

Доколку Реал Мадрид победи, Модриќ ќе го освои 26-от трофеј и со капитенот Начо Фернандез ќе стане играчот со најмногу трофеи во 122-годишната историја на „кралскиот“ клуб.

Ова ќе биде 18-то финале за Реал во сите верзии на ова натпреварување (Куп на европски шампиони, Лига на шампиони), а во досегашните 17 дуели за трофејот мадриѓаните доживеаја само три порази.

Борусија Дортмунд е во третото финале. Во претходните две го освои пехарот во 1997 година победувајќи го Јувентус, а во 2013-та загуби во германската пресметка од Баерн Минхен.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО