Мексико го победи Еквадор и се пласира во осминафиналето на Мундијалот

Фудбалерите на Мексико обезбедија пласман во осминафиналето на Светското првенство 2026.

Екипата на Хавиер Агире во шеснаесетфиналето на култниот стадион „Ацтека“ го совлада Еквадор со 2:0 и ја продолжи мундијалската приказна пред своите навивачи.

Головите за Мексико ги постигнаа Хулијан Кињонес во 22. минута и Раул Хименес во 31. минута.

Со оваа победа, Мексико остана непоразен на Светските првенства на „Ацтека“, а воедно ја запиша и втората победа над Еквадор на Мундијалите. Претходно Мексиканците славеа против оваа селекција и во 2002 година, а Еквадор останува единствената јужноамериканска репрезентација против која Мексико има победа на најголемата фудбалска сцена.

Натпреварот доцнеше еден час поради невреме и грмотевици, а првата сериозна шанса ја имаше Мексико во седмата минута. По центаршутот на Луис Ромо, Раул Хименес шутираше со глава од непосредна близина, но топката заврши покрај голот.

Нова можност следуваше во 16. минута, кога Гилберто Мора се обиде од косо да го погоди подалечниот агол, но беше непрецизен.

Еквадор првпат посериозно се закани две минути подоцна. Џон Јебоа упати силен удар, но топката ја погоди стативата и заврши во гол-аут.

Мексико поведе во 22. минута преку Хулијан Кињонес, кој со силен удар го погоди поблискиот агол од голот на Еквадор.

Предноста беше удвоена во 31. минута. Раул Хименес со прецизен удар од работ на шеснаесетникот ја испрати топката во горниот десен агол за 2:0.

До крајот на првото полувреме уште еднаш се закани Јебоа, но во 40. минута голманот на Мексико, Раул Ранхел, одлично интервенираше.

Почетокот на второто полувреме помина во знакот на Еквадор, кој имаше иницијатива и поголем посед на топката, но не успеа да создаде посериозна шанса пред противничкиот гол.

Првата голема можност во продолжението беше видена во 66. минута. По два последователни корнери изведени од Роберто Алварадо, Сесар Монтес двапати се обиде со глава, но не успеа да го постигне третиот гол за Мексико.

Еквадор најдобрата шанса во второто полувреме ја имаше во 74. минута. По одличното додавање на Мојсес Каиседо, Кевин Родригез шутираше од изгледна позиција, но топката заврши покрај голот.

До крајот Еквадор се обидуваше да се врати во натпреварот, но не успеа сериозно да го загрози голот на Мексико. Мексиканците рутински ја сочуваа предноста и со четвртата победа на турнирот обезбедија пласман во осминафиналето.

Еквадор го заврши натпреварот со десет играчи, откако во 90+3. минута беше исклучен Пјеро Инкапје поради покривање на устата при разговор со Сантијаго Хименес.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ

НАЈНОВО