Нејт Сестина е подготвен за првиот настап во дресот на македонската сениорска репрезентација.
По повредата на раката која го спречи да дебитира во февруарскиот ФИБА „прозорец“, силното крило максимално подготвен го дочека новиот повик и веќе е дел од подготовките на избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал.
„Одлично се чувствувам овде. Тимот ми посака добредојде и моето прво искуство во Македонија е одлично. Имаме добар тим кој може да се натпреварува. Возбуден сум што имам шанса да играм на теренот со овие играчи, верувам дека исто се чувствуваат и моите соиграчи“, вели Сестина.
Заедничката работа и следењето на замислите на стручниот штаб се главниот фокус во пресрет на дуелите со Ирска и Луксембург.
„Работиме заедно, гледаме да се држиме до планот на игра, затоа што нашата заедничка цел е да победуваме и да имаме резултати“, додава новиот репрезентативец.
Од кошаркарот кој во последните сезони беше дел од европски гиганти се очекува да донесе квалитет во шутот, енергија и искуство на теренот.
„Од мене може да очекувате добра енергија, шут за три поени, но и тимска пожртвуваност. Јас сум момче кое сака тимска игра и работи за тимот. Се радувам на новиот предизвик и чекам на следниот меч“, порача Сестина пред своето деби во македонскиот национален тим.